Засега нема нови критериуми за ЕУ, новиот пристап кон проширувањето ќе се разгледува во октомври
Засега нема нови критериуми за земјите-кандидати на патот за членство во Европската унија, вели премиерот Мицкоски. Посочи дека имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Брисел и дека работиме на реформската агенда. Новата стратегија ќе се разгледува на октомврискиот Европски совет.

Засега нема нови критериуми за земјите-кандидати на патот за членство во Европската Унија. Изјавата на еврокомесарката Марта Кос е дадена во поинаква конотација и не се однесува на Македонија, вели Премиерот Мицкоски. Посочи дека имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Брисел и дека работиме на реформската агенда. Шефот на Владата уверува дека ќе се направи се да бидеме најдобри на тој план како и досега.
„Во декемврискиот извештај бевме најдобри, очекувам истото да биде и во јунскиот извештај. Продолжуваме во таа насока и во периодот што следи. Тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри, и сме најдобри. Така што продолжуваме во тој правец“, изјави премиерот Мицкоски.
Мицкоски ѝ врти грб на Европската Унија, ја оддалечува земјата и го блокира европскиот пат. Членството во Унијата и стратешкото партнерство со САД меѓусебно не се условуваат, напротив, се надополнуваат и создаваат синергија во интерес на Македонија, регионот и пошироката европска безбедност, велат од СДСМ. Од Брисел порачуваат дека проширувањето останува едно од најуспешните стратешки политики на Европската Унија за промоција на мир, стабилност и просперитет. Сепак, портпаролот на Европската комисија без конкретен одговор на изјавата на холандскиот министер за надворешни работи дека на новите земји-членки треба да им се ограничи правото на вето.
„Отворени сме за сугестии како да го направиме процесот поефикасен, побрз и подобро приспособен на актуелната геополитичка ситуација. Нашите основни принципи не се сменети, процесот мора да остане базиран врз основа на заслуги, да е фер и предвидлив. Добредојдени се сугестиите од земјите-членки за кои ќе се дискутира на октомврискиот Европски совет“, изјави Маркус Ламберт, портпарол на ЕК.
Во фокусот на новиот пристап се земјите од Западен Балкан, но и Украина и Молдавија. Пораката од Брисел е јасна, нема отстапки од владеењето на правото и демократските стандарди.
Милчо Велески
