Шест жртви од западнонилска треска, вирусот присутен и во Ресен
72-годишен пациент почина по 15 дена лекување на Инфективната клиника, со што бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на шест. Во моментов на Клиниката се лекуваат 18 пациенти, од кои пет се на интензивна нега. Во меѓувреме, присуството на вирусот е потврдено и кај мртов гавран пронајден во парк во Ресен, што е втор регистриран случај кај птица по гавранот пронајден во Скопје.

Почина 72-годишен пациент од западнонилска треска по 15 дена лекување на Инфективната клиника. Црната статистика се искачи на шест починати. Од почетокот до сега биле хоспитализирани 51 пациент на Клиниката за инфективни болести од кои 27 се излекувани и отпуштени. Во моментов има 18 пациенти, а петмина се на интензивна нега со тешка клиничка слика. Сите пациенти кои се на интензивна се постари лица. Најмладиот пациент со овој вирус има 26 години и е во добра состојба.
Додека лекарите продолжуваат со лекување на пациентите, аларм за присуство на вирусот стигнува од Ресен. Позитивен гавран на западнонилска треска е нов сигнал за надлежните дека вирусот е присутен во овој регион. Иако засега нема ниедно лице коешто е пријавено со западнонилска треска, сепак ќе бидат преземени превентивни мерки.
Гавранот бил пронајден во парк во близина на општината. Ќе има препораки до матичните лекари.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили теренските активности за утврдување на епидемиолошката состојба со болеста западнонилска треска кај живината.
„Во период од 24.08.2026 до 27.08.2026 пристигнати се повеќе од 100 пријави од граѓани, дел од пријавите се однесуваат на угинати птици, како што се врапчиња и други видови, кои не се соодветни за испитување за западнонилска треска. Поради тоа, не секоја пријава може да резултира со земање примерок и лабораториско испитување“, соопштуваат од АХВ.
Гавранот во Ресен е втората мртва птица со потврден вирус. Првиот мртов гавран беше најден во Скопје покрај Вардар.
Ана Јосифоска
