Невремето ќе го намали родот на тутунот
Почна проценката на штетите од невремето од 24-ти август на околу 1.500 хектари во Прилепско-Долненскиот регион. Настрадаа тутунот, пиперката и пченката. Родот на тутунот ќе се намали. Земјоделците се загрижени, ќе се бара враќање на поранешното осигурување.

Преку 50 земјоделци веќе пријавија штети на тутунот, пиперката или пченката по невремето од 24 август кое направи огромни штети во Прилепско-Долненскиот регион. Штетите се од 50 до 100 проценти на околу 1 500 хектари. Тутунот е најпогоден во Долненско, пиперката ајварка во реонот на прилепско Големо Коњари. Пријавувањето е до први септември.
Земјоделците се загрижени. Ем се без род, без приход и без соодветно осигурување, иако државата учествува со 60 проценти во полисите.
Од Сојузот на земјоделските здруженија ќе побараат да се врати поранешниот начин на осигурување. Со склучувањето на договорите за производство да се добие и полисата.
Невремето ќе го намали планираниот род на тутунот од 30.000 на 25.000 тони.
Елизабета Митреска
