Во чест на празникот Голема Богородица, традиционална крводарителска акција
Твојата хуманост е нечија надеж – традиционална крводарителска акција во чест на празникот Голема Богородица. Акцијата ја организира Црвениот крст во соработка со Институтот за трансфузиона медицина. Во некои семејства крводарителството е традиција која се пренесува од генерација на генерација.

Капка крв за живот, на наш сосед, познаник, или непознат, далечен, а ближен, оти човек е што страда и за него надежта си ти.
Две и пол децении една врата се отвора и токму на празникот на Божјата Мајка ги повикува оние кои крв даруваат да го сторат тоа. Но, прво мора да се минат проверките на здравствена состојба, доколку е сè во ред дарувањето може да почне. А, секој од нив токму овој ден го смета за вистински, за хуманост. За некои тоа станало семејна традиција.
Додека спасоносната течност се дарува, не изостанува грижата за добрата кондиција на дарителите.
Од почеток до крај на постапката во овој доста топол ден, дарителите се доверени на вредните волонтери на Црвениот крст.
Од Црвениот крст се задоволни од досегашниот тек на акцијата.
Оваа животодавна скапоценост најмногу ја трошат Клиниките за хематологија и онкологија. Доктор Димитровски вели, за жал таму се потребите најголеми, но не изостануваат и сите други клиники, па испраќа апел до секој здрав човек.
Твојата хуманост е нечија надеж па овогодишната акција нека ги надмине бројките на собраните 153 крвни единици лани.
Фиљана Кока
