Нова закана по поплавите
Бројот на загинати во катастрофалните поплави во непал е над 460 лица. Властите предупредуваат дека новите дождови може дополнително да ја влошат состојбата.

Нова опасност им се заканува на погодените подрачја долж границата меѓу Непал и Кина. По разорната поплава, во низводниот дел, новоформираното езеро почна да се излева од коритото. Нивото на водата расте, а стравот од секундарна катастрофа ги принуди спасувачките екипи привремено да ги прекинат операциите на двете страни од границата.
„Властите предупредија на дополнителен ризик од поплави и ги повикаа луѓето да се оддалечат од речните брегови и да се упатат кон безбедни места“, изјави Лила Питерс Јахија, постојан координатор на ОН во Непал.
Опасноста од нов бран поплави сега го отежнува и хуманитарниот одговор. Тимовите на терен се принудени да бидат особено внимателни поради можноста за нови свлечишта и надојдени води.
„Исклучително сме загрижени за можноста за повторна поплава, дури и кога властите работат многу напорно за повторно отворање на патиштата што се блокирани за заедниците што сè уште не добиле помош“, рече Дејвид Фишер, шеф на делегацијата на Црвениот крст во Непал
48 часа по катастрофата, црниот биланс расте, а стотици луѓе и натаму се водат за исчезнати, меѓу кои има и странски државјани од над 30 земји. За семејствата, ова не се само бројки. Тие и натаму чекаат вести за своите најблиски.
„Изгубив сè. Сè беше однесено од поплавите, останав само јас и ова на мене“, вели Раџендра Читракар, преживеан.
УНИЦЕФ предупредува дека илјадници деца имаат потреба од итна хуманитарна помош, додека од светот пристигнува поддршка за погодените.
„Наш приоритет пред сè се децата, да се осигураме дека се безбедни, заштитени и на крајот дека ќе можат да се опорават од оваа катастрофа“, истакна Прина Шреста, УНИЦЕФ.
„Најавивме пакет помош од пет милиони долари, дел од кои ќе одат во Светската програма за храна, а дел преку други агенции за итен хуманитарен одговор“, рече Пени Вонг, министерка за надворешни работи на Австралија.
„Понудивме каква било помош што им е потребна. Никој досега не видел нешто слично, каде што многу моќни, цврсти, добро изградени згради биле збришани како да биле чепкалки за заби“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Според досегашните проценки, огромниот бран поплави бил предизвикан од уривање на глечер. Водата, мразот и наносите уништија куќи, патишта и мостови, оставајќи зад себе пустош долж непалско-кинеската граница.
Бојана Крстевски
