Страв меѓу жителите во кумановско по првиот случај на западнонилска треска
Првиот случај на западнонилска треска во кумановско, го зголеми стравот кај жителите. Пријави за сомнителни комарци и кај Пчиња. Дел од граѓани сами ги прскаат и дворовите. Надлежните уверуваат состојбата се следи, дезинсекција се спроведува редовно.

Страв, но и зголемена претпазливост кај жителите на североистокот, по првиот регистриран случај на западнонилска треска во кумановско. Загриженоста ја потврдува и пријавата до регионалниот центар за управување со кризи. Мештанин на село Драгоманце пријавил дека по течението на Пчиња, забележал присуство на сомнителни комарци. Ја посетивме општина Старо Нагоричане. Поразговаравме со жителите. Раскажаа дел од нив сами со заштитни средства ги прскаат дворовите.
„Состојбата не е сигурна, народот се плаши, има комарци но не сме забележале многу, веројатно одат каде што има повеќе вода“, вели еден жител.
„Јас си прскам во дворот, има но не многу. Стравувате ли? Не, јас нонстоп си прскам, со специјално средство“, нагласи мештанка.
„Недај боже да касне некого. Овде има тие мали, ситни комарци, не сме виделе големи“, дополни трет.
Од општината информираат, акциите за третирање против комарци се спроведуваат редовно.
„Во контакт со Центарот за јавно здравје се направи вонредна дезинсекција во вечерните часови, завршен е тој дел. Претходно имаме направено две редовни дезинсекции на територија на општината, согласно нашата програма, доколку има потреба во нареден период ќе бидеме во контакт со ЦЈЗ надлежните институции и ќе преземеме мерки“, истакна Мирослав Славковски, градоначалник на Старо Нагоричане.
Во Куманово, пак, во понеделник ќе се изврши петтиот третман на дезинсекција против возрасна форма комарци.
Елена Георгиевска
