Каталонците на нозе, Шпанија не дозволува референдум!

29.09.2014 17:06

Премиерот Рахој и повеќето шпански партии се согласни – никој и ништо нема да ја растури Шпанија...

Каталонските сепаратисти се кренаа на нозе – за разлика од британската демократија, шпанската не дозволува референдум за независност. Владата во Мадрид побара од Уставниот суд да го прогласи гласањето на каталонците за незаконско.

„Суверенитетот е работа на целиот шпански народ и само дел од него не може да носи одлуки за работи што не засегаат сите“, вели Маријано Рахој, премиер на Шпанија.

Премиерот Рахој и повеќето шпански партии се согласни – никој и ништо нема да ја растури Шпанија. Според шпанскиот устав, одлуката за независност не ја носи регионот што ја бара, туку на референдум излегува целиот шпански народ.

„Вака нема да стигнеме никаде. Нема да има решение без гласање. Нема да има стабилно решение ако не гласаме и ако не се изјаснат Каталонците“, смета Мигел Исета, Социјалистичка партија на Каталонија.

На улиците на Барселона, стотици демонстранти излегоа под каталонски и под шкотски знамиња. Според анкетите, речиси половина од жителите на Каталонија сакаат да се одделат од Шпанија.

„Ако Уставниот суд го отповика референдумот, тој ден ќе се собереме во сите општини и ќе ја почнеме кампањата. Ќе одговориме со повеќе и повеќе демократија“, вели Карме Форкадел, претседател на Каталонското национално собрание.

47-милионската Шпанија се соочува со традиционален сепаратизам. Баскија, Каталонија и Навара, освен Мадрид се најпросперитетните региони во земјата.

Само каталонската економија е приближно 20 проценти од економскиот потенцијал на Шпанија, што го надминува процентот на население од 15,8 проценти. Под шпанска власт е од 15-тиот век, а целосна автономија добива во 1979 година.

 

Ивана Салтировска