Партии

Дата-центрите повторно тема на жестоки партиски пресметки

28.08.2026 17:09

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинија дека СДСМ шири паника меѓу луѓето за ефектот од изградбата на центрите за податоци без основни познавања. СДСМ, пак, обвинија дека Мицкоски договара дата-центри без да соопшти на кого му ги подарува водата, земјата и струјата...

Изградбата на дата-центрите повторно тема на партиски препукувања. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинија дека СДСМ шири паника меѓу луѓето за ефектот од изградбата на центрите за податоци без основни познавања. Ако сакаме да бидеме лидери во регионот мора да се изградат дата-центрите, вели премиерот Мицкоски, посочи дека во Македонија веќе имаме еден дата-центар, а за нови центри за податоци, во пазарна економија инвеститорот е тој што ќе ја плаќа струјата и постојат начини на ладење, зависно за што ќе се користат.

Од СДСМ пак обвинија дека Мицкоски договара дата-центри без да соопшти на кого му ги подарува водата, земјата и струјата.

„Мицкоски не кажува колку струја и колку вода ќе трошат дата-центрите. Не кажува дека земјоделците може да немаат вода за нивите и дека граѓаните ќе плаќаат повисока цена за струјата. Ова не е стратегија за развој, туку опасно коцкање со водата, струјата и земјата на граѓаните“, велат од СДСМ.

Младите знаат каде е иднината и затоа за 30 проценти е зголемен интересот за студирање на инженерските факултети. Во изминатите две години создадени се 17 илјади нови работни места, најмногу во индустријата, објави премиерот Мицкоски.

Ирина Гелевска