Штип

Психолошка поддршка на онколошките пациенти во Штип

28.08.2026 15:16

Заврши проектот за бесплатна психолошка поддршка на онколошките пациенти во Штип. Се бара начин проектот за продолжи. Менталната стабилност на онколошките пациенти е важна алка во лекувањето, сметаат психолозите.

„Доаѓаме со стравови, со неизвесност, во денови кога ни е тешко да бидеме силни. И токму таму, меѓу луѓе кои поминуваат низ истата борба, повторно наоѓаме сила. Имаме прекрасни терапевти и место каде можеме да бидеме она што навистина сме – без страв, без маски и без потреба постојано да кажуваме дека сме добро“.

Ова е сведоштво на дел од онколошките пациенти од Штип вклучени во општинскиот проект за психолошка поддршка. Проектот заврши, потребата да продолжи е изразена. На 24 групни сесии и четири тематски работилници се учеа техники за справување со стравот и чувството на неизвесност и беспомошност.

Јавната свест за значењето на менталното здравје сè уште е ниска, но во периоди на соочување со тешка болест психотерапијата е од голема важност и за болниот и за неговото семејство.

Експертите посочуваат дека психолошката грижа треба да биде дел од целокупната грижа за пациентите со карцином.

Славица Величковска