Охрид преполн со туристи за продолжениот празничен викенд
Овој последен продолжен августовски викенд, Охрид повторно е преполн со туристи. Градот е во знакот на бројни настани, а полните улици, шеталиштата, рестораните и плажите се потврда дека летната сезона сè уште е во полн ек...

Последниот продолжен августовски викенд носи нов бран туристи во Охрид. Градот е преполн со гости од земјава и странство, а бројните настани што се одржуваат деновиве дополнително ја збогатуваат туристичката понуда.
Во тек е „Охрид ватер фест“, а започна и четвртиот „Охрид џез фестивал“. Од локалната велат со ваквите манифестации се продолжува туристичката сезона.
„Тоа се манифестации кои ние, како локална самоуправа, почнавме да ги организираме и кои од година во година растат и добиваат на бројност. И покрај тоа што можеби квантитетот, односно бројот на туристи што го добиваме, не е толку значаен, сепак добиваме на квалитет. Тоа се туристи кои, покрај Охрид, го сакаат и Охридското Езеро, природните убавини и сето она што нашиот град има да го понуди“, изјави градоначалникот Кирил Пецаков.
Полни улици, ресторани, шеталишта и плажи се сликата што деновиве ја испраќа главниот туристички центар. Туристите велат многу им се допаѓа Охрид.
Септември и октомври продолжуваат да пристигнуваат организирани групи гости. Меѓу нив се и полски туристи, за кои Охрид е еднодневна екскурзија од Албанија.
„Во моментов, овој дел од Балканот е многу, многу популарен меѓу полските туристи. Многу луѓе кога доаѓаат во Албанија, доаѓаат и во Охрид. Значи, ова е многу популарна дестинација. Всушност, сакаат да видат нешто поинакво, па затоа ја избираат Македонија. И секогаш велат дека за нив тоа е многу убаво искуство. Некои од нив велат дека сакаат повторно да се вратат овде“, вели Јулија Сиевиарун, туристички водич од Полска.
Според последното соопштение на Државниот завод за статистика, во првата половина на 2026 година, во однос на истиот период лани, вкупниот број туристи е намален за 0,5 отсто.
Кај домашните туристи има пад од 3,1 отсто, додека бројот на странските туристи е зголемен за 0,3 отсто.
Соња Рилковска
