Во огнената сезона на терен активни и доброволни противпожарни друштва
Во периодот кога земјата се соочи со голем број пожари на отворен простор, и во моментите кога територијалните противпожарни единици не можат сами да одговорат на сите интервенции, на терен се вклучуваат доброволните противпожарни друштва. Зад секоја интервенција стои тим, потребни се дисциплина, обученост, добра опрема и пред сè координација. ДПД Архангел од Битола, преку тимот за брз одговор на ДЗС, дадоа голем придонес во пожарите во пелагониско и пошироко.

ДПД Архангел од Битола речиси две недели се бореа со пламените јазици во пелагонискиот и другите пожари во регионот. Најопасен за нив беше пожарот кај Лознани и, а најголем во мариовскиот дел, каде пожарникарите беа на терен 7 дена и ноќи, голем број предизвици, тешка опрема, температура повеќе од 40 степени, непроспиени ноќи и потреба за капка чиста вода, со огромна храброст, пожртвуваност и желба да спасат животи и природа, го дадоа својот максимум
Битолските доброволци од архангел оваа сезона беа дел од повеќе интервенции на пожари, како дел од тимот за брз одговор на дирекцијата за заштита и спасување. Тоа велат е одлична можност, според јасно зададени насоки да одговорат на потребите на терен. Остануваат планови за развој на друштвото и подобрување на условите за работа, а од година во година се подобрува структурата и опременоста
ДПД Архангел од Битола, располага со 40 доброволци, од кои постојани се околу 25, сите пожарникари се обучени за справување со пожар и одговор на секаков вид елементарни непогоди. Она што ги носи доброволците на терен, не е работната обврска, туку желбата да помогнат. Тие не се замена за професионалните единици, туку нивна дополнителна сила во ситуации кога секоја рака повеќе значи побрза реакција и поголема безбедност
Александра Максимовска
