Медиуми

ММА и МРТ бараат одговори од ААВМУ

28.08.2026 17:42

Во врска со вчерашен став на ААВМУ дека програмските сервиси „Арена“ претставуваат странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис бараат одговори од директорот на ААВМУ...

Во врска со вчерашен став на ААВМУ дека програмските сервиси „Арена“ претставуваат странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис бараат јасен, прецизен и документарно поткрепен одговор од директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски на следните прашања:

1. Дали во релевантната документација доставена до ААВМУ постои лиценца/дозвола издадена од надлежен регулатор на странска држава за Арена M1, M2 и M3 Премиум?

Доколку постои, наведете која држава, кој регулатор, датумот на издавање и точниот архивски/регистарски број на дозволата.

2. Дали северната трибина на Градскиот стадион во Скопје претставува територија на Република Србија, од која навистина се генерира изворниот странски програмски сервис или станува збор само за техничка точка преку која поминува сигналот, со цел сервис произведен и уредуван во Македонија формално да биде претставен како странски и со тоа да се избегнат законските обврски што важат за македонски радиодифузер?

3. Кои се релевантните домашни и странски институции, регулатори, правни лица и други субјекти од кои ААВМУ побарала или добила информации во постапката за утврдување на статусот на овие сервиси, како што впрочем наведовте во Вашата вчерашна реакција?

Очекуваме за секој субјект одделно да наведете какви информации, документи и податоци биле доставени, кога биле доставени и под кој архивски број се заведени во ААВМУ.

Очекуваме одговорите да бидат конкретни, прецизни и поткрепени со релевантната документација, а не со псевдо толкувања на статусот на конкретните програмски сервиси.