Свет

Спасувачките операции продолжија откако се намали опасноста од нов бран поплави

28.08.2026 18:25

Спасувачите повторно се на терен во Непал, откако се намали опасноста од нов бран поплави. Потрагата по преживеани беше привремено прекината поради излевањето на езерото формирано по катастрофалните поплави долж границата со Кина. Црниот биланс расте, а стотици луѓе и натаму се водат за исчезнати, меѓу нив и странски државјани од повеќе од 30 земји. Во услови на нова опасност, спасувачите тргнаа во трка со времето.

48 часа по катастрофалните поплави во Непал и Тибет, продолжува да расте црниот биланс, а стотици луѓе и натаму се водат за исчезнати, меѓу нив и странски државјани од над 30 земји. Семејствата и натаму чекаат вести за своите најблиски.

„Изгубив сè. Сè беше однесено од поплавите, останав само јас и ова на мене.“, вели преживеан.

„Моето село, моето потекло, моето семејство, сè е мртво“, додава Дава Лама, член на семејството на жртвите од поплавите.

„Мојата сопруга и син беа однесени од поплавата. Целото мое село“, рече Гјамба Церинг, локален жител.

Новата опасност привремено ја прекина потрагата по преживеани. Езерото формирано по катастрофалните поплави долж границата со Кина утрово почна да се излева од коритото, зголемувајќи го стравот од нов бран поплави. Откако нивото на водата се намали, спасувачките операции продолжија, но тимовите и натаму работат со голема претпазливост.

„Треба да се посвети големо внимание на стабилноста на езерото и околните планини и треба да се преземат ефикасни мерки за да се спречат секундарни катастрофи. Плановите за пребарување и спасување мора да бидат научно формулирани и мора да се вложи максимален напор за да се пронајдат исчезнатите лица и од Кина и од странство“, изјави Лин Џијан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

„Исклучително сме загрижени за можноста за повторна поплава, дури и кога властите работат многу напорно за повторно отворање на патиштата што се блокирани за заедниците што сè уште не добиле помош“, Дејвид Фишер • шеф на делегацијата на Црвениот крст во Непал.

УНИЦЕФ предупредува дека илјадници деца имаат потреба од итна хуманитарна помош, додека од светот пристигнува поддршка за погодените.

„Наш приоритет пред сè се децата, да се осигураме дека се безбедни, заштитени и на крајот дека ќе можат да се опорават од оваа катастрофа“, истакна Прина Шреста, УНИЦЕФ.

„Најавивме пакет помош од пет милиони долари, дел од кои ќе одат во Светската програма за храна, а дел преку други агенции за итен хуманитарен одговор“, изјави Пени Вонг, министерка за надворешни работи на Австралија.

„Понудивме каква било помош што им е потребна. Никој досега не видел нешто слично, каде што многу моќни, цврсти, добро изградени згради биле збришани како да биле чепкалки за заби“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Според досегашните проценки, огромниот бран поплави бил предизвикан од уривање на глечер. Водата, мразот и наносите уништија куќи, патишта и мостови, оставајќи зад себе пустош долж непалско-кинеската граница.

Бојана Крстевски