Филмот „17“ освои „Златна мимоза“ за режија во Херцег Нови
Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ продолжува со награди на регионалните фестивали. На 39. Филмски фестивал во Херцег Нови, Митиќ ја освои „Златната мимоза“ за најдобра режија, награда што годинава ја подели со Горан Станковиќ за филмот „Оче наш“.

Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ продолжува со награди на регионалните фестивали. На 39. Филмски фестивал во Херцег Нови, Митиќ ја освои „Златната мимоза“ за најдобра режија, награда што годинава ја подели со Горан Станковиќ за филмот „Оче наш“.
Признанието доаѓа откако „17“ беше прикажан пред публиката на летната сцена на Канли кула. Филмот беше дел од главната натпреварувачка програма во која за наградите се натпреваруваа десет долгометражни остварувања од регионот.
По проекцијата во Херцег Нови, публиката и критиката особено ја истакнаа темата што ја отвора филмот, а беше оценето и дека „17“ би можел да има место во образовните програми за средношколци.
Долгометражното деби на Косара Митиќ, снимено по сценарио на Митиќ и Огњен Свиличиќ, зборува за 17-годишната Сара и за насилството, премолчувањето и односите меѓу младите за време на училишна екскурзија. Во главните улоги се Ева Костиќ, Мартина Даниловска и Даме Јовески.
Филмот во Херцег Нови го претставија Митиќ, продуцентот Томи Салковски и дел од актерската екипа.
Наградата во Црна Гора доаѓа веднаш по големиот успех на „17“ на 32. Сараевски филмски фестивал, каде филмот освои четири признанија. Меѓу нив беа „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ, специјалната награда за промоција на родовата еднаквост и наградата од публиката за најдобар долгометражен филм.
Македонската кинематографија имаше силно присуство и во останатите награди во Херцег Нови. Теона Стругар Митевска доби специјално признание за продукцијата на „Мајка“, а „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума доби специјална награда за пораката за родова еднаквост и инклузивност.
Главниот фестивалски триумф му припадна на „Оче наш“ на Горан Станковиќ, кој ја освои Големата „Златна мимоза“ за најдобар филм, како и наградите за режија, актер и од филмската критика.
