Куманово

Обновен возниот парк на кумановската противпожарна единица, останува кадровскиот проблем

30.08.2026 16:31

Кумановската противпожарна единица го обнови возниот парк, но кадровскиот проблем останува. Добија дури седум возила од Тирол, а во руралните средини се градат пунктови за доброволни пожарникари. Но интересот за волонтеризам, засега е мал.

Нови возила, но недостиг на пожарникари. Кумановската противпожарна единица целосно го обнови возниот парк. Покраината Тирол од Австрија даруваше седум возила, но и опрема. Во тек е и иницијатива за формирање доброволни противпожарни друштва во руралните средини. Пунктови се прават во Табановце, Орашац и Клечовце. Целта е брза реакција, откако лани само на отворено регистрирале дури 400 пожари.

Пунктот во Табановце веќе е во изградба. Се градат две гаражи за возилата, како и простории за доброволните пожарникари.

Пунктовите се градат, но интересот за доброволно вклучување засега е мал.

„40 години сум во Европа секое село си има свое. Но кога ќе се случи нешто тој остава негова работа и доаѓа“, вели жител на Табановце.

„Засега во Табановце нема што слушнав и во други села. Мислите ли дека ќе има интерес, нема интерес, старите не можат да се вклучат“, дополни друг мештанин.

„Колку што гледам нема еден пат вежба, кога нема пожар, нема вежба да видиме на станбена зграда како ќе реагира“, истакна жител.

Лани преку дирекцијата за заштита и спасување во Куманово беа ангажирани околу 25 сезонски пожарникари. Во моментов работат со 43 лица.

„Оваа година таков повик нема, има формирано од дирекцијата за заштита и спасување тимови за брзи одговори но засега нашиот капацитет е таков каков што е. Низ цела територија на Македонија фалат пожарникари“, нагласи командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.

Периодов речиси секојдневно на различни интервенции. Гаснат запалени стрништа, депонии во кумановско, но и во соседно Липково, бидејќи немаат своја единица. Даваат поддршка и на колегите од Старо Нагоричане. Месецов бележат 80-ина интервенции. Но она што радува, за разлика од лани, годинава имаат околу 100 интервенции помалку.

Елена Георгиевска