Топло време

Италија под нов топлотен бран, температурите над 44 степени

29.08.2026 15:20

Италија се соочува со петтиот топлотен бран ова лето, со температури над 44 степени Целзиусови на југот и на островите. Црвен аларм е прогласен во девет градови, меѓу кои Рим, Бари, Палермо и Катанија.

Италија се соочува со петтиот топлотен бран ова лето, со температури над 44 степени Целзиусови на југот и на островите. Во некои делови температурите се и до десет степени над просекот, а високата влажност дополнително го зголемува чувството на топлина.

Црвен аларм е прогласен во девет градови, меѓу кои Рим, Бари, Палермо и Катанија. Во Сицилија и Сардинија температурите достигнаа 43 степени, а ноќите остануваат екстремно топли. Иако се очекува мало заладување за викендот, метеоролозите предупредуваат дека натпросечно топло време може да продолжи и во септември. Жештините не ги поштедуваат ниту туристите, кои денот го прилагодуваат на високите температури.

„Пијам многу вода, барам сенка и места со климатизација“, вели Ана Вале, туристка од Шпанија

„Навикнати сме, ние сме од северна Аргентина каде што е многу потопло отколку овде и искрено уживаме во времето, можеш да се одмориш во сенка и да продолжиш да истражуваш“, вели Матијас Барера, турист од Аргентина.

„Можноста за искористување на летото е значително намалена со оваа топлина. Ги користиме утринските и вечерните часови, во меѓувреме подобро е да останеме внатре со климатизација“, рече Јакопо Де Бернарди, Италијанец.