Драматична битка со пожарите во струмичко
Борбата со огнените стихии продолжува. Според податоците на Центарот за управување со кризи, во изминатото деноноќие се регистрирани 31 пожар на отворен простор. Пет се сè уште активни, еден е под контрола, а 25 се изгаснати. Екипите интервенираат на терен, надлежните предупредуваат на внимателност.

Пожарникарите од Струмица имале драматична борба со огнената стихија на четири локации истовремено. Пожарот кој доцна синоќа е ставен под контрола се ширел кон населените места, при што на помош пристигнале и противпожарните екипи од Радовиш и Валандово. На територијата на струмичко интервенирале околу 45 пожарникари со 16 противпожарни возила. Огнот проголтал две пластеници, но спречена е поголема материјална штета
Запалена ниска вегетација, шума, стрништа, отпад и диви депонии, како и пожар во дворно место, вкупно 31 пожар на отворен простор бил регистриран во Македонија во изминатото деноноќие. Пет пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 25 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи. Сериозна останува состојбата на потегот меѓу општините Студеничани и Зелениково, каде гори мешана шума од село Моране преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап.
Активен е и пожарот кај Копаница во Општина Сарај. Огнот се шири кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума. Во Општина Чашка гори над селото Нежилово, кај месноста Сватови, каде се зафатени ниска вегетација и поединечни дрвја. Пожар има и кај селото Копанце во Општина Јегуновце, каде гори мешана шума, како и во атарот на прилепското село Црнилиште, каде огнот зафатил ниска вегетација и шума.
Под контрола е големиот пожар што започнал кај селото Трново во Гостиварско и се проширил кон Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гореле нискостеблеста шума, пасишта, папрат и ниска вегетација. Пожари имало и во Охридско, Прилепско, Штипско, Тетовско, Гостиварско, Делчевско, Беровско и во други општини.
Александра Велинова
