Атина објави нова забетонирана позиција, Македонското МНР спрема одговор
Едно име за севкупна употреба со географска одредница пред терминот Македонија. Преку соопштение на грчкото МНР, Атина објави нова забетонирана позиција. Дури и употребата на привременото име го објаснува како „состојба на ова прашање кое го крши меѓународното право и мора да се промени“...

Грчкото министерство за надворешни работи денеска излезе со соопштение во кое вели дека привременото име под кое Македонија е примена во Меѓународната организација би требало да се користи и од државите што нè имаат признаено под уставното име, за домашна употреба и во пасошите.
„Позицијата на Грција е во корист на сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, а не пред зборот „Република“, и да се користи од сите, односно „ерга омнес“, за сите намени – домашни и меѓународни. Тоа е формулирано пред многу години во Парламентот на Грција и врз основа на тој став грчкиот претставник учествува во процесот на Обединетите нации под покровителство на Обединетите нации. Привременото име не се употребува од сите (ерга омнес), за жал не и дома, не и во пасошите и во билатералните односи со земјите што ја имаат признаено под уставно име“ – стои во соопштението.
Грчкото МНР во соопштението објавено на официјалната интернет страница наведува дека чувствува потреба да реагира бидејќи одредени екстремни кругови се прават дека се изненадени или неупатени во грчката позиција во однос на спорот на името.
Она што го нуди Атина сега со проширување на формулата ерга омнес е флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена држава.
Од Македонското МНР велат дека ќе излезат со став откако ќе го разгледаат соопштението од грчките колеги.
Да потсетиме дека над 130 држави во светот билатерално Македонија ја имаат признаено под уставното име и на тој начин се одвива коресподенцијата.
Анита Димитријевска
