Финансии

Министерството за финансии најави контрола на секој денар од Буџетот

29.08.2026 17:19

Силните институции и одговорното управување со јавните средства се темел на довербата на граѓаните, а ревизијата е еден од клучните механизми за обезбедување контрола, отчетност и спречување на неправилностите. Ќе се засилат механизмите за превенирање од корупцијата и лоцирање на ризиците. Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија ја унапредуваат соработката.

По долго отсуство на сертифицирање внатрешни ревизори за јавниот сектор, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија се договорија да се почне повторно со национални испити за стекнување со уверенија и сертификација. Со ова ќе биде обезбедено секој денар од буџетот и секое евро од европските фондови, јавни пари на граѓаните да се користат одговорно и во нивна корист, вели ресорната министерка Димитриеска-Кочоска во својата објава на Фејсбук, откако неодамна беше потпишан меморандум меѓу овие две институции.

„За првпат во земјава, преку Министерството за финансии ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор и ќе се воспостави национална сертификација на внатрешните ревизори. Секој денар од буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес“, вели Димитриеска-Кочоска во објавата.

Државниот ревизор, Ацевски, посочува дека со ова ќе се засилат механизмите за превенирање од корупцијата и лоцирање на ризиците од страна на внатрешните ревизори, независно дали се работи за постапките за јавни набавки или други видови ризици. Многу е битно да се превенира корупцијата бидејќи репресијата е последниот можеби и задоцнет чекор. Според ревизорот значајно е да се менува перцепцијата за корупцијата.

Размената на информации и координацијата во областа на поглавјето 32 односно финансиска контрола, се особено важни за унапредување на реформите и за подготовката и спроведувањето на препораките од Европската комисија.

Фиљана Кока