Културно наследство

Единствената мозаична икона изложена во Охрид

29.08.2026 19:16

Единствената сочувана мозаична икона во земјава „Исус Христос на престол“ од XIV век, од овој месец достапна за јавноста. Стана дел од постојната поставка на Галеријата на икони во Охрид.

Единствената сочувана мозаична икона во земјава „Исус Христос на престол“ од XIV век, од овој месец ја збогати постојаната поставка на Галеријата на икони во Охрид. Станува збор за редок пример на византиската уметност, какви што денес има само во неколку светски музеи.

Создадена од ситни елементи, со прецизност која и по повеќе од седум века сведочи за мајсторството на византиските уметници.

Иконата била откриена во 1960 година, во јужниот параклис во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

„И заслужува иконата да биде постојано изложена, па е тоа и апел до пошироката јавност: секој кој ќе дојде во Охрид и при посета на ова место, да влезе во Галеријата на икони и покрај овие икони да ја види и мозаичната икона. На иконата е претставен Исус Христос на трон, како седи на трон без наслон. Нозете му се поставени на богато орнаментирана, декорирана перница“, вели Катерина Велкоска, историчар на уметност.

Мозаичните икони се меѓу најретките форми на византиската иконографија. Значајни примероци денес се чуваат во музите во Париз, Њујорк, Берлин и Атина.

„Бордурата е со специфична геометриска форма, а голема прецизност има во техниката и во изработката. Мозаикот како техника претставува многу сложена и тешка техника на изработка. Во оваа икона имаме восочна паста, стаклена паста и мали камчиња“, додава Велкоска.

Нејзиното трајно изложување е дел од одбележувањето на 75 години организирана музејска дејност во Охрид, но и можност ова исклучително вредно дело да биде достапно за јавноста.

Соња Рилковска