Партиски препукувања

29.08.2026 17:00

СДСМ обвинува за нетранспарентност на процесот за отворање дата-центри во земјава. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС шири паника во јавноста...

СДСМ обвинува за нетранспарентност на процесот за отворање дата-центри во земјава, бидејќи како што велат не се објавуваат имињата на компаниите и условите под кои ќе работат. Загрижени се дека земјоделците кои, како што велат, и онака немаат доволно водоснабдување дополнително ќе се соочат со овој проблем, бидејќи дата-центрите, според нив, би трошеле премногу вода, но и струја. Од СДСМ велат дека немаат ништо против инвестиции кои носат развој, работни места и нови технологии. Но, инвестициите да бидат во интерес на Македонија, а не ресурсите на Македонија да се ставаат во функција на туѓи профити.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС шири паника во јавноста. Велат, од она што го гледавме во време на нивното владеење е само развој на марихуана Македонија, за разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ развива индустрии како онаа со дата центрите кои се иднината на Македонија, која иако е релативно нова, сепак е развиена индустрија во светот. Додаваат, Венко Филипче и СДС напаѓаат се што е добро за државата, секоја идеја, секој проект, иста е ситуацијата и со дата центрите. Уверуваат дека при развојот на оваа индустрија владата нема да дозволи тој развој да влијае на квалитетот на живот на граѓаните во негативна смисла, туку сосема спротивно.

Дата-центрите се дигиталната инфраструктура на современата држава – колку се посигурни и помоќни, толку побрзи, побезбедни и подостапни се електронските услуги за граѓаните и бизнисот. Земјава веќе има секундарен дата-центар во Прилеп, изграден во 2018 и 2019-та година. Но во рамки на реформската агенда предвиден е и нов примарен национален дата-центар. Очекуваните придобивки од дата-центрите се побрзи и посигурни дигитални услуги, заштита на податоците, поддршка за бизнисот, нови инвестиции и работни места, развој на вештачката интелигенција, намалување на зависноста од странска инфраструктура.

Александра Велинова