Мајката што се породи на паркинг пред болницата во Чаир и бебето се во добра здравствена состојба
На социјалните мрежи беше објавена информација дека новороденчето паднало на плочникот пред болницата и никој од персоналот не помогнал. Директорот Мендух Егени демантира...

Бебето што вчера се роди во автомобил на паркингот пред Гинекологија Чаир и неговата мајка се во добра состојба и се пуштени на домашно лекување.
На социјалните мрежи беше објавена информација дека новороденчето паднало на плочникот пред болницата и никој од персоналот не помогнал. Директорот Мендух Егени демантира.
„Во тие моменти излегле се дежурните служби, жената е внесена во болница, направена е анализа и без никакви последици по здравјето на мајката и детето, жената е пуштена на домашно лекување“, вели директорот Егени.
Родилката не стасала до болницата, затоа што нејзиниот сопруг не бил дома. До гинекологија ја донел нејзиниот сосед. Годишно во оваа болница имаат по неколку вакви случаи затоа што најчесто мајката направила лоша процена на терминот за пораѓање.
„Не се чести овие случаи, меѓутоа се случуваат. Не ни е ниту прв, а мислам дека нема да е ни последен ваков случај. Сите овие породувања кои се случуваат надвор од болничкиот простор ние ги викаме вон- болнички породувања. Можно е да биде во куќа, во кола, на пат...“, додава д-р Егени.
Мајката претходно родила две деца- во домашни услови.
Викторија Тодоровска
