Договор вреден стотици милијарди долари меѓу Вашингтон и Каракас
Нафтата повторно ги зближува Вашингтон и Каракас – овојпат со договор вреден стотици милијарди долари. САД добиваат поголем пристап до огромните венецуелски резерви, а Каракас ветува инвестиции, нови работни места и економско закрепнување на земјата. Но, договорот отвора и прашања – кој навистина ќе има најголема корист од венецуелското нафтено богатство и дали ова е почеток на нова ера за земјата по години санкции и притисок од Вашингтон. Прашања кои веќе предизвикуваат скептицизам и незадоволство кај дел од Венецуелците.

Нафтениот договор меѓу САД и Венецуела отвора ново поглавје во односите меѓу Вашингтон и Каракас. 25-годишниот договор предвидува развој на 17 стратешки нафтени полиња и зголемување на производството на повеќе од 1,5 милиони барели дневно. Според венецуелската влада, договорот би можел да донесе повеќе од 200 милијарди долари приходи за земјата, а инвестициите треба да ја обноват индустријата, да отворат работни места и да придонесат за економското закрепнување.
„Венецуела ја задржува сопственоста и суверенитетот над своите ресурси, додека го користи капиталот, технологијата и оперативниот капацитет за обновување на стратешката индустрија и за возврат добива производство, работни места, инвестиции во инфраструктура, зголемени приходи за владата и продуктивни врски за домашната индустрија“, Делси Родригез, вршителка на должноста претседател на Венецуела.
Но, договорот не наиде на едногласна поддршка во Венецуела. Дел од граѓаните стравуваат дека од огромните нафтени резерви најголема корист ќе имаат САД.
„Мислам дека тоа е мерка што требаше да се преземе, но не за целите што ги следат оние што моментално се на власт. Тоа е како да ви дадам огромна количина нафта сè додека ме оставите сам овде на власт“, рече Даглас Борхас, уличен продавач, Каракас.
За дел од нив проблемот е што граѓаните немаат влијание врз договорот.
„Тоа не е само загрижувачко, туку и скандалозно, бидејќи ние, Венецуелците, сме капка во морето. Немаме никаква моќ да интервенираме“, изјави Лисандро Кастро, архитект, Каракас
Од Вашингтон, договорот е претставен како голема економска придобивка и победа за двете страни. Трамп го нарече „историски“, очекувајќи повеќе нафта и поевтино гориво за Американците. Според американски функционер, САД ќе имаат 55 насто контрола во заедничкото вложување со приватен оператор во Венецуела.
„Оваа историска трансакција повеќе од двојно ги зголемува американските нафтени резерви, значително го зголемува нашето снабдување со нафта и значително ќе ги намали цените на бензинот за сите Американци, на долг рок“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Договорот означува драматичен пресврт во американската политика кон Каракас. По години санкции и силен политички и економски притисок врз владата на Мадуро, неговото соборување и апсење во јануари отворија пат за директно американско присуство во венецуелскиот енергетски сектор. Трамп сега бара американските компании да вложат најмалку 100 милијарди долари во обновување на венецуелската нафтена индустрија-во земјата со најголеми докажани нафтени резерви во светот.
Бојана Крстевски
