Образование

Намален број ученици, но нема затворање на подрачни училишта во Охрид

30.08.2026 17:09

Помалку ученици, помали паралелки и реорганизација на наставата, но без затворање на подрачните училишта во Охрид. Во пресрет на 1-ви септември, училиштата се подготвени за новата учебна година, а во дел од нив продолжуваат и поголеми реконструктивни зафати.

Помалку ученици, помали паралелки и постепена реорганизација. Вака охридските училишта ја започнуваат новата учебна година. Демографскиот пад се чувствува, досега се запишани 476 првачиња. Но и покрај тоа, од Општина Охрид велат нема да има затворање на подрачни училишта.

„Во однос на паралелките и на наставата, знаеме дека повеќе е намален бројот, дека ќе треба бројот на паралелки да се намалува. Меѓутоа, она што можам да кажам е дека Охрид, како општина, во однос на оптимизацијата нема да биде затворено ниту едно подрачно училиште, ниту една паралелка каде што треба да почнат првачињата, вели Перчо Божиноски, професор по македонски јазик и литература и претседател на Советот на Општина Охрид.

Значи, во секое од подрачните училишта ќе си има првачиња, ќе продолжи наставата – и во Лакочереј, и во Лескоец, и Рача, и Елшани, и Коњско. Значи, секаде каде што овие училишта се подрачни во однос на централните, ќе се продолжи наставата“.

Летниот период беше искористен за подобрување на условите во училиштата. Во повеќе објекти се реализираа реконструктивни активности.

„Најголемиот реконструктивен зафат е токму во гимназијата. Она што следуваше, а веќе и трае неколку години, е целосната реконструкција на гимназијата, почнувајќи од училишниот двор до внатрешноста на гимназијата, кровот, нешто што со децении, децении не било чепнато во самата гимназија. Сега имаме целосна реконструкција. Веќе привршуваат активностите во внатрешноста на зградата“, дополни Божиноски.

Во охридските средни училишта оваа учебна година има 697 слободни места, а досега се запишани околу 550 средношколци.

Соња Рилковска