Катлановска бања - сведок на историјата за Македонците од Егејот
Форумот за човекови права на Македонците и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата-бегалци, организираа традиционално чествување со полагање цвеќиња на споменикот на ранетите и починатите Македонци и Грци во граѓанската војна во Грција, a лекувани во болницата во Катлановска бања.

И по речиси осум децении, Катлановската бања не е само лек за болката туку и за душата. Кај потомците на децата бегалци од егејскиот дел, буди емоции за сè што преживеале и за тоа што останало како аманет.
Панихида за сите кои ги нема меѓу нив и кои спасувале глава пред нападите на владините грчки и коалициските воени сили под огнот на фрлените 1.750 тони напалм бомби кои горат наоколу до 180 метри. За Македонците борци во Демократската армија на Грција последната надеж била лековитоста на водите овде. А, таа напишала судбини и животни приказни и за оние што не преживеале и за оние кои успеале да се вратат на фронтот.
Не само за борците Македонци, вратите на летувалиштето биле отворени и за Грците, а од оваа позиција се помагал фронтот на Демократската армија на Грција со оружје, муниција и храна.
Сепак, најмногу настрадале, особено во граѓанската војна, Македонците кои верувале во ветувањата на армијата дека ќе добијат автономија. Сега талкаат генерациите за гробовите на своите предци.
Ваквите напори се поддржани и од Здруженијата на Македонците и децата бегалци. Тие бараат поддршка од владата.
Традиционалното чествување пред споменикот на ранетите и починатите
Низ болниците освен во Катлановска бања, и во Пониква и во Велес лекувани се повеќе од 6.300 ранети, на 2.500 им се извршени хируршки интервенции, 200 починале за време на операциите, 146 починале за време на транспорт, а 40 биле донесени мртви.
Со панихида и положување цвеќе пред споменикот и годинава беше одбележано сеќавањето на ранетите и починати борците Македонци и Грци на Демократската армија на Грција.
Фиљана Кока
