Последна јавна расправа: Експертите ги поздравија уставните измени

29.09.2014 18:54

Заврши јавната расправа за уставните измени. Сугестиите од јавната расправа ќе бидат доставени до Владата, но како што информираше првиот човек во Правда, ќе се почека и мислењето од Меѓународните институции...

Со јавна расправа во Собранието заокружена 30– дневната дебата за уставните измени. Позитивна оценка за предложените корекции и сугестии од Уставниот суд за  попрецизна формулација на амандманот за новиот инструмент „Уставна тужба“, којшто треба да го намали бројот на граѓаните што првдата ја бараат пред Меѓународниот суд во Стразбур. За укинувањето на членовите по функција во Судскиот совет беше речено дека е потег во вистинска насока.

„Потребно е внимателно да се разгледа листата на наборените права за чијашто непосередна заштита ќе биде надлежен Уставниот суд. Од листата предложени во нацрт- амандманот произлегува дека во одделни права кои се загарантирани и утврдени во Уставот не се предмет на непостредна уставно- судска заштита“, рече Никола Ивановски, од Уставниот суд на РМ.

„Би требало Судскиот совет да брои 10 члена од редот на судиите. Сметам дека со ова во најголем дел ќе се зголеми и ќе се гарантира, обемот самостојноста и независноста на судската власт“, смета претседателот на РСС, Александра Зафировска.

Позитивни дискусиите и за отворањето на Меѓународен финансиски пазар, како и за преименувањето на Народната банка во Банка на Република Македонија, што според  гувернерот Богов има и дополнотилно значење.

„Она што е според уште поважно е тоа што предлагачот во овој амадман ја зајакнува независноста на Централната банка. Ако во рамки на ЕУ независноста на Централната банка е регулирана во договорот за фуинкционирање на ЕУ којшто има карактер на Устав, и статутот на ЕЦБ, кај нас се предлага тоа да биде во нашиот Устав“, вели гувернерот Димитар Богов.

Универзитетскиот професор Каракамишева фокусирана на политичкиот момент и обидот, како што рече да се спинуваат тезите дека без општ консензус Уставот не смеел да се чепка. На оваа тема дискусија и од пратеникот Николовски.

„Ниту еден Устав во светот, ниту еден Уставен амандман во светот не е денесен со 100 процентна согласност на граѓаните. Уште помалку, не е донесен со 100 процентна согласност на сите политички субјекти и партии кои функционираат во рамките на политичкиот и уставниот систем. Тоа е многу битен момент, бидејќи имам чувство во Република Македонија, посебно кога се работи за опозицијата се инсистира на моментот општествен консензус како 100 процентно прифаќање на сите идеи и размислувања коишто се вметнани во уставните амандмани од страна на сите и секого. Тоа прво е апсолутно невозможно и утопија“, смета професорката Тања Каракамишева.

„Уставните амандмани доаѓаат во еден политички добар период, период во кој што се завршени парламентарните избори, во кој имаме една стабилна коалиција која што може да презема посмели и позрели чекори како што се измените на Уставот, кои се неопходност за промените кои и следат на Република Македонија“, рече пратеникот Александар Николовски.

Сугестиите од јавната расправа ќе бидат доставени до Владата, но како што информираше првиот човек во Правда, ќе се почека и мислењето од Меѓународните институции.

„Нацрт амандманите се поднесоа и до Венецијанската комисија. Очекуваме на 10-ти октомври да се објават и истото да ни се достави во писмена форма, за да можеме понатаму во зависност од забелешките, односно сугестиите, истите да ги процесуираме“, рече министерот за правда, Аднан Јашари.

Финалната верзија на предлог- уставните измени кои се однесуваат на судството,  економијата и семејните права, пратениците треба да ги добијат 30 дена пред да бидат ставени на пленарната седница.

 

Виолета Димовска