Пожарот ставен под контрола
Пожарот кој изби во атарот на село Макази, ресенско, и беше опасност за Националниот парк „Пелистер“ е ставен под контрола. Сепак, заканата и натаму постои.

Пламна Пелистер. Битолските пожарникари во борба со огнената стихија што од преспанска страна се прошири кон Националниот парк. Интервенција и на екипи на Територијалната противпожарна единица, работници и механизација од јавните претпријатија. Приватни компании обезбедија и тешка механизација. Освен од копно, вода пуштена и од воздух со „ер-тракторите“ и армискиот хеликоптер.
Со булдожери е направена и противпожарна пресека над боровите со цел да се спречи понатамошното ширење на огнената линија. Притоа, повреден е возач на булдожер при скок, а не пожарникари како што се шпекулираше. Тој е хоспитализиран и е во стабилна состојба, информира директорот на ДЗС, Ангелов.
По повеќечасовна борба со пламените јазици дебарските пожарникари го изгаснале пожарот над градот, во атарот на селото Татар Елевци. Станува збор за тешко пристапен терен, а биле зафатени нискостеблеста, дабова шума и сува трева. Предизвик останува и планината Жеден.
Активни пожари има во општините Сарај, Ресен, Петровец, Прилеп, Чашка, Јегуновце и Боговиње, каде најчесто гори нискостеблеста шума.
Александра Велинова
