Водата за пиење во Скопје безбедна
Водата за пиење во Скопје е безбедна и соодветствува на пропишаните стандарди, покажуваат резултатите од неделниот лабораториски извештај на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Анализирани биле вкупно 164 примероци од 45 мерни места во градот.

Секторот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ во периодот од 24 до 27 август зел 164 примероци за физичко-хемиска и исто толку примероци за микробиолошка анализа на водата за пиење.
Примероците биле земени од 45 мерни места на територијата на Град Скопје, со цел да се проверат квалитетот и безбедноста на водата за пиење.
Според добиените лабораториски резултати, сите анализирани примероци одговараат на барањата утврдени со Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ велат дека извештајот се објавува за навремено и транспарентно информирање на граѓаните.
