Новиот телескоп на НАСА „Ненси Грејс Роман“ полета во вселената – ќе ги истражува најголемите мистерии на универзумот
Новата генерација вселенски телескоп на НАСА, „Ненси Грејс Роман“, полета од Флорида со мисија да ја истражува темната енергија, црните дупки и егзопланетите. Телескопот ќе снима огромни панорамски погледи на универзумот, со видно поле околу 100 пати поголемо од она на „Хабл“.

Телескопот „Ненси Грејс Роман“ на НАСА полета во вселената од лансирна рампа на Флорида, со мисија да помогне во откривањето на некои од најголемите мистерии на универзумот.
По лансирањето, телескопот го започнува 100-дневното патување до својата дестинација, оддалечена околу 1,6 милиони километри од Земјата. Од оваа точка тој ќе започне со мапирање на егзопланети, односно планети надвор од нашиот Сончев систем.
„Роман“ ќе снима огромни панорамски делови од универзумот, а според НАСА неговото видно поле е околу 100 пати поголемо од она на вселенските телескопи „Хабл“ и „Џејмс Веб“.
Телескопот ќе има важна улога и во проучувањето на темната енергија и темната материја. Научниците веруваат дека овие две мистериозни компоненти сочинуваат околу 95 проценти од универзумот. Темната материја се смета за своевидно „гравитациско лепило“, додека темната енергија се поврзува со забрзаното ширење на универзумот.
„Роман“ е именуван по Ненси Грејс Роман, првиот главен астроном на НАСА и една од првите жени на висока лидерска позиција во агенцијата.
Од НАСА очекуваат новиот телескоп значително да го прошири знаењето за структурата и еволуцијата на универзумот и да открие нови светови надвор од нашиот Сончев систем.
