Киев петти ден под руски воздушни напади, Зеленски предупредува на промена во руската тактика
Киев петти ден под ред под руски оган – експлозии и уништена печатница пред почетокот на новата учебна година. Зеленски предупредува-Москва ја менува тактиката и најавува нови разговори со претставници на САД. Кремљ остава отворена врата за преговори, но условува можен самит со конкретен договор. Во меѓувреме, нова тензија меѓу Москва и НАТО – Лавров предупредува на ризик од конфликт на Арктикот, додека Алијансата не гледа непосредна закана од руски напади.

Киев и натаму е под руски воздушни напади, со експлозии кои петти ден по ред непрестано одекнуваат во градот. Погодена е печатница на периферијата, при што е уништен погон за печатење на над милион учебници пред почетокот на учебната година. Москва, пак, тврди дека пресретнала десетици украински дронови над Ростовската област. Додека страните разменуваат оган, Киев предупредува на промена во руската тактика. Според Зеленски, за четири дена Русија лансирала речиси 1.500 дронови, од кои околу 800 биле млазни „Шахеди“. Тој најави и нови разговори со американски претставници, оценувајќи дека Вашингтон во голема мера ги споделува ставовите на Киев за ситуацијата на фронтот и руските удари.
„Правиме сè за војната да не остане единствена опција за она што следува. Важно е што Америка споделува голем дел од нашите ставови за ситуацијата. Во моментов, тактиката на Русија е да ги исцрпи Украина и Украинците. Најтешката задача е пресретнувањето на дроновите со млазен погон. Мораме да бидеме проактивни. Наесен мора да го зголемиме процентот на пресретнување на над 90 насто“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека Москва останува отворена за руско-украински разговори во Турција, но дека засега нема потврда за услови за нивно одржување. Во однос на можниот самит меѓу Трамп, Путин и Зеленски, Песков порача дека тој би имал смисла само доколку целта е финализирање на конкретни договори.
„Самитот Путин-Трамп-Зеленски е предложен веќе некое време, а вие многу добро го знаете ставот на нашиот шеф на државата. Таква средба е можна само за формализирање на договорот. Договорите не се едноставен, туку многу сложен процес на решавање на конфликти што се состои од огромен број детали“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ
НАТО соопшти дека во моментов не гледа непосредна закана од руски напад врз ниту една членка, но предупреди на засилените руски напади врз Украина и хибридните активности во Европа. Од Москва, пак, стигна предупредување за активностите на Алијансата на Арктикот. Шефот на руската дипломатија Лавров оцени дека зголеменото воено присуство на НАТО во регионот претставува директна закана за безбедноста на Русија и го зголемува ризикот од вооружен конфликт.
Бојана Крстевски
