Од утре повторно железничка врска Зелениково-Скопје
Патувањето ќе трае околу 25 минути, а билетот ќе чини 40 денари во еден правец и 70 денари за повратна. Со инвестиција од 5,7 милиони евра се реализира првата фаза од проектот „градски воз“.

Повторно се воспоставува железничката врска меѓу Зелениково и Скопје. Од утре на таа релација ќе сообраќа воз, осум пати дневно во двата правца. Според најавите, патувањето од Зелениково до Скопје и обратно ќе трае околу 25 минути, зависно од поаѓањето.
Возниот ред е усогласен со распоредот на ЈСП-Скопје. Билетот во еден правец ќе чини 40, а во двата правца, 70 денари. Со пуштањето на оваа железничка врска во должина од 24 ипол километри во која се инвестираа 5,7 милиони евра, се реализира првата фаза од најавениот проект „градски воз“.
Втората делница од проектот е од Миладиновци, Илинден, Маџари, до главната централна железничка станица, а третата е од централната железничка станица преку Скопје-Север, Ѓорче Петров до Волково.
