Штип и Свети Николе останаа без вода од невремето
Вчера Штип, денес Свети Николе се соочува со немање вода. Причина е заматеноста на водата на хидросистемот „Злетовица“ како последица од невремето. Штип од утринава има вода, во Свети Николе нормално водоснабдување се најавува за доцните вечерни часови.

Невремето во пробиштипскиот регион предизвика прекин на водоснабдувањето во Штип и Свети Николе. Заматеноста на водата на „Злетовица“ претставува проблем за пречистителните станици. Во Штип денес состојбата е стабилна и вода има, но денес без вода се граѓаните на Свети Николе.
Во Штип водоснабдувањето е нормализирано од утринава, надлежните велат водата е безбедна за пиење.
Од хидросистемот „Злетовица“ со вода се снабдуваат општините Штип, Пробиштип, Свети Николе и Карбинци. Проблеми со водоснабдување се појавуваат кога има обилни врнежи заради кои доаѓа до заматување на водата.
Славица Величковска
