Македонија

Седум активни пожари во Македонија, два се комплексни за гаснење

31.08.2026 14:33

Пожарникарите и натаму во битка со огнените стихии на неколку локации. Меѓу најтешките шумски пожари оваа сезона е пожарот кај „Пелистер“. Ставен е под контрола, во гаснењето се вклучија и хеликоптери, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Апелира – граѓаните да бидат внимателни, опасноста од пожари и во септември останува на високо ниво.

7 активни пожари беснеат на територијата на Македонија. 2 се комплексни за гаснење, соопшти првиот човек на ДЗС, Ангелов. Еден од најтешките шумски пожари оваа сезона е пожарот кој пред два дена започна од преспанска страна, во подножјето на планината Пелистер. Со пламените јазици пожарникарите воделе битка и во текот на ноќта и утрово. Во гаснењето бил ставен во функција и армиски хеликоптер, два „ер трактори“ од Дирекцијата за заштита и спасување и полициски хеликоптер.

Ангелов вели дека нивната цел е, доколку не успеат да го изгаснат, барем да го стават под контрола, за да не навлезе во квалитетната шума на овој скапоцен национален парк.

Вториот комплексен пожар е во атарот на село Градец, општина Врапчиште, кој е на тешко пристапен терен, со зафатена борова шума. Неговото гаснење е тешко, вели Ангелов. Изутринава со дејство започнал еден полициски хеликоптер, кој полни вода од мало езеро и со налет на 5-6 минути фрла вода врз пожарот.

Има уште неколку активни пожари кои зафаќаат поголема површина, но не се алармантни и не загрозуваат населени места, вели Ангелов. Дождовите во источните делови од државата ги изгаснаа пожарите, но само на еден ден. Сувоста на вегетацијата од денес повторно ја става земјава во високоризична фаза од појава на пожари.

 

Александра Спировска