Николоски на средба со директорот на ЕВРОКОНТРОЛ, во фокус зајакнување на воздухопловните капацитети
Владата работи на унапредување на техничките, оперативните и човечките капацитети на воздухопловните власти, со цел системот да одговори на растот на воздушниот сообраќај, беше истакнато на средбата.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со генералниот директор на ЕВРОКОНТРОЛ, Раул Медина. На средбата присуствуваа и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Драги Стојаноски и директорот во М-НАВ, Владимир Ристески.
На средбата била разгледана досегашната соработка со ЕВРОКОНТРОЛ и можностите за нејзино унапредување, со фокус на зајакнување на капацитетите на воздухопловните власти во земјава.
Николоски посочил дека се работи на план за унапредување и зајакнување на човечките ресурси во Агенцијата за цивилно воздухопловство и М-НАВ, со цел системот да одговори на зголемените потреби и очекуваниот раст на воздушниот сообраќај.
На средбата било истакнато дека Македонија бележи раст на авиосообраќајот, и според бројот на операции и според бројот на патници, што придонесува за подобра поврзаност на земјата, привлекување нови авиокомпании и отворање можности за граѓаните и економијата.
Николоски информирал и дека новиот радарски систем веќе е инсталиран, со што се очекува дополнително зајакнување на техничките капацитети за управување со воздушниот сообраќај.
Била потврдена и важноста од продолжување на соработката со ЕВРОКОНТРОЛ преку Програмата за поддршка на државите, насочена кон унапредување на безбедноста, ефикасноста и квалитетот на воздушниот сообраќај.
