Народна банка

Од 1 ноември задолжителен ИБАН за сите национални платежни трансакции

31.08.2026 20:07

Народната банка воведува задолжителна употреба на ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежните сметки, со цел усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Советот на Народната банка на денешната седница ја донесе Одлуката за водечкиот број на давателите на платежни услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки.

Со одлуката се унапредува регулативната рамка во согласност со развојот на платните системи и се врши усогласување со стандардите што се применуваат во областа на СЕПА.

Од 1 ноември 2026 година, националните платежни трансакции ќе се иницираат, обработуваат и извршуваат со користење ИБАН, кој ќе биде единствена идентификациска ознака на платежната сметка. Со тоа треба да се обезбеди стандардизиран начин на идентификација на сметките во националниот и прекуграничниот платен промет.

На седницата биле разгледани и најновите макроекономски показатели. Според Народната банка, домашната економија и натаму покажува отпорност, а податоците засега упатуваат на нешто поповолни движења кај економската активност.

Инфлацијата забавува и е во рамките на очекувањата, додека ризиците од надворешното окружување и натаму се оценуваат како неповолни. Девизните резерви на крајот на јуни изнесувале 4,936 милиони евра и се одржуваат во сигурната зона.

Народната банка бележи и натамошен раст на депозитите и кредитната активност, при што кредитната поддршка е посилна од очекуваното.