Транспорт

Протест на превозниците пред делегацијата на ЕУ - се бара решение за престој Шенген во зоната

31.08.2026 17:09

Пред утрешниот состанок на работната група во Брисел, превозниците на предупредувачки протест пред делегацијата на Европската унија во Скопје. Побараа решение за проблемот со ограничениот престој во Шенген зоната во однос на правилото 90/180. Испратија апел до ЕУ да им го олесни движењето со што ќе можат непречено да работат.

Со свирежи во знак на револт камиони и товарни возила дојдоа на протест пред седиштето на ЕУ во Скопје. Бараат решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната. Протестот е предупредувачки и се одржува во пресрет на состанокот на работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус.

Од „Макам-транс“ порачаа дека протестот е аларм до Европската унија, која, според нив, во изминатите седум месеци не покажала подготвеност за надминување на проблемот.

Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.

Владата прави сè да им помогне на превозниците за надминување на проблемот со земјите од Шенген зоната. Министерството за транспорт соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери.

„Се работи на склучување билатерални договори со земјите-членки на шенген-зоната, бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение, Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Такви договори се склучија со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со владите на Австрија, на Германија и во септември се очекува да се одржи средба со владата на Австрија, а во октомври и со Словенија, со цел издавање долгорочни визи за македонските транспортери“, стои во соопштението на Министерството за транспорт.

Освен во Скопје, протести на превозници се одржаа и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Борис Грујоски