Обвинителство

Продолжува истрагата за мазутот во ТЕЦ Неготино

31.08.2026 17:23

Сепак продолжува истрагата за набавките на мазутот за ТЕЦ Неготино. Скопското вишо Обвинителство ја уважи жалбата на ЕСМ, ОЈО ГОКК е задолжено да ја продолжи постапката, да се анализираат податоци од повеќе институции, а добиле и укажување за детектирани слабости во вештачењата. Предметот се однесува на сомнежи за злоупотреба на тендерски постапки и перење пари, а опфаќа 13 осомничени лица и една фирма.

Истрагата за набавката на мазутот во ТЕЦ Неготино сепак ќе продолжи. Откако констатирал фалинки во вештачењето, Вишиот обвинител Јован Цветановски ја задолжил колешката од ОЈО ГОКК да побара ново вештачење, но и да се анализираат податоци од повеќе институции. Ова произлегува по евалуација на жалбата на државната ЕСМ која тврдеше дека биле искривени исказите на инженерите кои во предистрага само од технички аспект ги објасниле механизмите на спроведување на набавката, но овие лица, како што тврдат од ЕСМ не биле одговорни, ниту компетентни да даваат мислење за евентуалната штета.

Со реотворањето на истрагата продолжат и проверките на бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски и на ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски за злоупотреба на 167 милиони евра.

„Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“, стои во соопштението на Обвинителството.

Истрагата за мазутот беше отворена лани во март и опфати 13 осомничени.

По 14 месеци од отворањето на предметот, обвинителката Коларевиќ ја затвори истрагата со образложение дека од 200 собрани докази не може да состави материјал со кој пред суд може да очекува осудителна пресуда. Објаснувајќи ја одлуката рече дека државата немала никаква штета од набавките на мазутот и благодарение на нив земјава немала рестрикции на струја.

Анита Димитријевска - Велковска