Училишна кошница
„Училишната кошница“ пред почетокот на учебната година носи намалување од најмалку 15 проценти во малопродажбата. Инспекторите на терен.

Ранец, тетратки, моливи, блок, фломастери долг е списокот за на училиште, а не е мала ни сметката што треба да ја платат родителите. Но, со мерката „Училишна кошница“ ќе ги чини поевтино. Трговците на големо се задолжени за намалување од најмалку 10 проценти, а на мало најмалку 15 насто.
Учениците ги прават последните подготовки за новата учебна година. Но, набавката на училиштен прибор не е обично пазарење, туку возбудлив семеен ритуал. Книжарниците исполнети со мирис на нови тетратки, книги, моливи. Родителите велат мерката „Училишна кошница“ ќе го намали ударот врз семејниот буџет. Според нив секое намалување е добредојдено, во овој период на почеток на учебната година кога трошоците традиционално растат.
Државниот пазарен инспекторат врши контроли на терен и ќе продолжи до 30-ти септември за соодветно спроведување на одлуката на Владата. Првичниот впечаток е дека се почитува мерката.
„Над 30 тимови на ДПИ вршат инспекциски контроли во над 500 правни субјекти (книжарници и ланец од маркети и локални продавници) на територијата на цела држава. Се контролира дали има намалување на цените во трговијата на мало за 15 насто и во трговијата на големо за 10 насто, како и дали јасно се обележани сите производи кои се опфатени со мерката“, велат од Државниот пазарен инспекторат.
Доколку се утврди непочитување на мерката која им цел заштита на стандардот на граѓаните, ќе следуваат казни од 500 до 10.000 евра, како и забрана за вршење дејност 15 дена.
Александра Велинова
