„Налбатинот раскажува“- етнолошки филм кој потсетува за значењето на занаетот

30.09.2014 09:49

„Налбатинот раскажува“ е насловот на етнолошкиот филм, во кој кумановецот Додевски, поранешен налбатин потсетува за значењето на занаетот и потребата од него и денеска, за кој интерес нема и е во изумирање...

За потковувањето на коњите на времето задолжен бил налбатинот. Тој бил еден од најценетите луѓе во селото и немало човек кој не го знае. Овој занает не само што изумира, туку и не постои. 70 годишниот Светозар Додевски од кумановското село Врачовце бил еден од најпознатите налбати во козјачкиот регион и главен јунак во етнолошкиот филм „Налбатионот раскажува“ кој беше прикажан во Центарот за култура во Куманово.

„Младите генарации, децата не само што не виделе туку и не знаат што е тоа потковување на коњ. Среќен сум што се сними еден ваков филм кој ќе ги подучи младите и ќе остане сведоштво за она што сум го работел“, вели Светозар Додевски, некогашен налбатин.

Автор на филмот е Валентина Илиевска , етнолог –кустос во кумановскиот музеј.

„Намерата ми беше преку филмот да го прикажам кумановското поднебје со богатата духовната и социјална култура, длабочината на слоевите, народното творештво и најважното умешнноста на кумановскиот занаетчија, во случајот налбатионот“, изјави авторот на филмот Валентина Илиевска.

Етнолозите преку овие видео записи не прикажуваат само еден процес, туку и самиот човек, што мисли за неговиот занает, како тој се однесува и како влије врз неговиот живот.

„Состојбата во овој знает е таква што не може да се следи процесот на работа, така што преку филмот дознаваме за важноста на занаетот, но и за животот на еден човек кој долги години го работел тоа“, вели Владимир Боцев, кустос во Музејот на Македонија.

Енолошкиот филм е поддржан од Министерството за култура, а е во продукција на Кумановскиот музеј.

 

Габриела Димковиќ