Гаши: Сите закони за кои е потребен Бадентер ќе бидат ставени на гласање
Предизвик за народните избраници остануваат законите за кои е потребен Бадентер. Сите ќе бидат ставени на гласање, но прашањето има повеќе политичка димензија отколку процедурална, рече спикер Гаши на првиот брифинг со новинарите по летната пауза. До крајот на септември ќе се одржат најмалку четири собраниски седници.

Предизвик за пратениците останува гласањето за законите за кои е потребен Бадентер. Претседателот на законодавниот дом Африм Гаши посочи дека сите ќе бидат ставени на гласање. На кординацијата со пратеничките групи немало најава од ДУИ дали ќе ја продолжи блокадата со процедуралните забелешки, која Гаши ја оцени како злоупотреба на Деловникот за работа на Собранието, и рече дека нема да го дозволи тоа.
„Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво“, рече Гаши.
Во однос на тоа дали, доколку блокадата продолжи, ќе има предвремени парламентарни избори, тој рече дека такви избори ќе има кога 61 пратеник ќе одлучат за распуштање на Собранието. Сепак, нагласи дека е поборник на идејата за редовни парламентарни избори и дека нема да дозволи злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори.
По летната пауза, првата собраниска седница е закажана за на 2-ри септември, додека седницата за пратенички прашања е закажана за на 11 септември.
Марина Стојанова - Тонева
