Пет километри ги делат курдската Пешмерга и џихадистите на ИДИЛ!
Турската армија распореди тенкови на границата со Сирија. Парламентот пак треба да одлучи за воена операција против ИДИЛ и за продолжување на мандатот во Ирак...
Турските тенкови се веднаш пред границата со Сирија, на ридот над опсадениот град Кобане. Само 5 километри ги делат од борбите на курдската Пешмерга и џихадистите на Исламска држава. Борбата се прелева на турска територија, гранати паѓаат преку сириската граница.
„Оваа бомба падна на турска територија. На Турција и треба помош. Никој не ни помага“, вели жител на Турција.
„Кажете и на Америка дека ни треба оружје. Ако не ги победиме џихадистите, нивната наредна цел ќе бидат Европа и САД“, изјави Омран Хусеин, командант на Пешмергата
Анкара од хуманитарна помош се преориентира во комплетна воена поддршка на широката анти-ИДИЛ коалиција. Турскиот парламент денеска треба да одлучи за воена акција во Сирија и продолжување на мандатот во Ирак.
Џихадистите на теренот ја менуваат тактиката по почетокот на воздушните напади и станува потешко да се лоцираат. Крвавиот марш продолжува, под закана е и ирачката престолнина. Откако вчера успеаја да влезат во предградијата на Багдад, џихадистите изутринава се потиснати од 16 села. Во борбите се убиени над 100 џихадисти.
„Ја ослободивме речиси целата провинција Дијала, ако даде Алах, наскоро ќе ја ослободиме до крај“, вели еден ирачки војник.
Додека се консолидира широката коалиција, и ИДИЛ добива поддршка од целиот свет. Западот секојдневно брои нови државјани што заминуваат на фронтот. Последното апсење е во Мелбурн, на 23-годишно момче кое финансирало Американец да замине во Сирија.
Ивана Салтировска