Нови тензии меѓу САД и Иран
Ескалираат заканите на Блискиот Исток. По меѓусебните напади меѓу САД и Иран, раст на цената на нафтата на светските берзи. Иранскиот претседател вели дека земјата не бара војна, но ќе одговори на секоја агресија.

Заканите повторно ескалираат, а Ормускиот Теснец останува точка на судир меѓу Вашингтон и Техеран. Трамп најавува одмазда за иранските напади врз американските бази во Јордан, оценувајќи го Иран како „пропадната држава“. Според „Аксиос“ тој размислува и за ограничени напади во теснецот, со цел да се спречи Иран да ги обнови радарските и ракетните капацитети.
„Тие се пропадната нација. Финансиските системи, војската и раководството на Иран се во голема мера деградирани, но тоа не значи дека нема да ги удриме за да видиме што ќе се случи“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иранската револуционерна гарда тврди дека веќе пресретнала американски дрон над Ормускиот Теснец. Тензиите дополнително растат по нов напад врз танкер во близина на Оман додека Вашингтон продолжува и со економскиот притисок врз Техеран.
„Целта е да се создадат услови во кои Иран ќе сака да дојде на преговарачка маса. Тие мора да се откажат од нуклеарната програма, да го предадат високо збогатениот ураниум, да ја прекинат поддршката за посредниците и теснецот мора да биде отворен“, порача Скот Бесант, министер за финансии на САД.
Техеран, пак, порача дека договор е можен само ако САД ги исполнат своите обврски. Пред заминувањето за Бишкек на самитот на ШОС, иранскиот претседател порача дека Иран не бара војна, но нема да остане пасивен пред агресијата.
„Америка мора да се врати на своите обврски и на договорот што го потпиша. Само тогаш сè може да се стави на вистинскиот пат“, посочи Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
„Ние не бараме војна, но никогаш нема да останеме пасивни пред агресијата и ќе дадеме решителен одговор“, изјави иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.
На самитот на ШОС, Пезешкијан повика организацијата да има посилна улога во безбедносните прашања, додека Пекинг повика на прекин на огнот и порача дека ќе ги заштити своите интереси. Во услови на нова ескалација, ОН изразија жалење поради обновените непријателства меѓу САД и Иран и повикаа на враќање на дијалогот.
Бојана Крстевски
