„35 години – 35 предмети – 35 приказни“ во Археолошкиот музеј
Националниот археолошки музеј по повод 35 години од независноста на Република Македонија, на 8 септември организира посебен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“.

Националниот археолошки музеј по повод 35 години од независноста на Република Македонија, на 8 септември организира посебен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Настанот ќе започне во 15 часот, а во текот на целиот ден влезот во Националниот археолошки музеј ќе биде бесплатен за сите посетители.
„Концептот на настанот ги поврзува 35-те години современа македонска независност со илјадниците години историја зачувана во археолошкото наследство на земјата. За таа цел, кустосите на Музејот избраа 35 предмети од постојаната музејска поставка, од различни периоди и археолошки локалитети, преку кои ќе бидат раскажани 35 посебни приказни“, велат од Музејот.
Постојаната поставка ќе има и посебен визуелен концепт. Секој од 35-те избрани предмети ќе биде означен со македонското знаме, кое ќе ги води посетителите низ музејот и низ приказните избрани за јубилејот.
