Со 92,7 милиони денари ќе се реконструира Клиниката за физикална медицина во Скопје
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Предвидена е термичка изолација на фасадите и крововите, замена на дотраената столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и поставување современо LED-осветлување.

Започнува реконструкцијата на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, инвестиција вредна 92,7 милиони денари без ДДВ. Проектот, финансиран со грант средства од Светската банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан, предвидува подобрување на условите за пациентите и медицинскиот персонал и значително зголемување на енергетската ефикасност.
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Предвидена е термичка изолација на фасадите и крововите, замена на дотраената столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и поставување современо LED-осветлување.
Ќе се модернизираат и системите за греење и ладење со високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе се замени постојниот систем за загревање на мазут, што се очекува да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на Клиниката.
Договорот за грант го потпишаа Министерството за финансии и Министерството за здравство, а проектот ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии.
Со инвестицијата се очекува создавање посовремена и пофункционална здравствена средина, како и подобрување на енергетските карактеристики на јавната здравствена установа.
