Нова стратегија за проширување

01.09.2026 11:39

Новата стратегија за проширување на ЕУ ќе предвиди поголеми можности за постепена интеграција на земјите- кандидатки и користење одредени бенефиции.

Македонија очекува Европската унија да ги исполни ветувањата за членство на земјите кандидатки. Новата стратегија за проширување да биде за трансформација на институциите, но не да навлегува во идентитетот, посочи шефот на дипломатијата Муцунски на панелот за евроинтеграција на Западниот Балкан на Бледскиот стратешки форум.

„Многу сме охрабрени од она што го слушаме од Брисел за новата визија за политиката за проширување. Во нашиот регион, не само што е правично да видиме акција, туку сметам дека ние заслужуваме акција, поради тоа колку се посветени нашите општества и влади. Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, порача шефот на дипломатијата Муцунски.

Со новиот документ за проширување ќе има поголема интеграција на земјите кандидатки пред членството, потврди еврокомесарката за проширување Марта Кос на панел за евроинтеграцијата на Бледскиот стратешки форум. Истакна дека ЕУ планира да ги прошири областите каде кандидатките можат да се приклучат.

„Во документот што ќе го подготвиме на крајот од септември како тема на дискусија на советот во октомври, ќе има четири области. Една од нив ќе биде како повеќе да се користи постепената интеграција на кандидатките. Постепена интеграција значи земјите кандидатки да добијат некои бенефиции пред членството. Постојат СЕПА и Роаминг каде кандидатките можеа веќе да ни се приклучат, но можностите се далеку поголеми. На пример заедничкиот пазар би можел да биде исто дел од оваа постепена интеграција. Потоа може да има нови безбедносни структури и други области“, изјави еврокомесарката Кос.

За сите земји- кандидатки за членство во ЕУ ќе важат истите правила за пристапување, потенцираше Кос. Објави дека пред прием на нови членки прво мора да се спроведат внатрешни реформи на ЕУ.

Ирина Гелевска