Димовска најави враќање на довербата во судството
Законити, образложени и разбирливи одлуки, како и поголема транспарентност, ќе бидат меѓу приоритетите на новата претседателка.

Кормилото на Кривичниот суд го презема Даниела Димовска. Меѓу нејзините приоритети се враќањето на довербата во судството, за кое е клучно носењето законити, образложени и разбирливи судски одлуки, но и поголема отвореност на судовите кон јавноста. Во својата свечена изјава таа потсети и на судството како една од трите власти, но не и последна од нив, туку еднаква со нив. Критиките за судството, уверува Димовска силно влијаат на перцепцијата за судството.
„Негативните оценки најчесто доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку поради негативните коментари. Сметам дека судството, и покрај тоа што е една од трите власти, не значи дека е на трето место или дека има ’бронзен медал‘. Напротив, тоа е една од трите власти што треба да бидат еднакви. Не само еднакви, туку сметам дека судството треба да биде коректив на законодавната и извршната власт“, нагласи Димовска.
За перцепциите во јавноста поврзани со нејзината независност, Димовска истакна дека нејзината работа и досегашниот професионален ангажман се најдобрата потврда за нејзината независност. Ниту пак истрагата за нејзиниот брат во врска со случајот „Пулс“ не може да биде пречка, ниту да влијае вели врз нејзината работа како претседател на судот, бидејќи и други лица како што рече, биле под истрага, а сега се на високи одговорни функции.
Свечена изјава дадоа и Јордан Јованов, избран за судија на струшкиот Основен суд и Маја Џорлева, Александар Цацков, Мери Гичева, Цона Каламерникова, Јулијана Недкова и Сашко Георгиев, избрани за судии на Апелациониот суд Штип.
Фиљана Кока
