Кривичен суд

350 илјади евра, ДНК-траги и купопродажба на станови во фокусот на судењето на Ристов

01.09.2026 17:04

350 илјади евра заѕидани во кујна – а сега на судењето и нова трага до уште над 400 илјади. Сведок тврди дека мајката на апелацискиот судија Ѓоко Ристов уплатила огромна сума за четири стана кои сè уште не се ни почнати да се градат. Обвинителството се обидува да докаже од каде потекнува богатството, одбраната возвраќа – сведокот никогаш не комуницирал со обвинетиот судија...

Некои ги чуваат парите во банка, други под перница, но на јавноста многу добро ѝ е познат случајот кога 350 илјади евра беа пронајдени заѕидани во семејната куќа на родителите во Неготино на разрешениот апелациски судија Ристов. Тој е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари. Судскиот процес продолжува, а во Кривичниот суд сведочеше инвеститорот со кој неговата мајка потпишала купопродажен договор за четири станови во јануари 2025 година, кои сè уште не се изградени. Но, ниту парите не ѝ се вратени.

Сведокот немал комуникација за становите со Ристов, ниту пак бил вклучен во судски предмет што го водел тој. Обвинителството презентираше докази со цел да докаже влијание на судски предмет на Ристов, додека бил на функција.

Одбраната останува на тврдењето дека заѕиданите пари се на родителите, кои ги стекнале со продажба на земјиште. Ги отфрлаат обвинувањата за влијание на постапка и тврдат дека на обвинетите за случајот не им е укинат притворот.

Во постапката особено внимание предизвика вештачењето на биолошките траги. Обвинителството соопшти дека на алуминиумската фолија во која биле завиткани парите биле пронајдени ДНК-траги од Ристов.

Ристов во текот на постапката останува со мерка куќен притвор, а предметот го води судијката Билјана Коцевска од Одделот за гонење организиран криминал.

Александра Велинова