Култура

Хосе Карерас вечерва на Плоштад Македонија на голем концерт по повод 35 години независност

01.09.2026 14:10

Светски познатиот тенор Хосе Карерас вечерва ќе настапи на Плоштад Македонија, заедно со Македонската филхармонија и голем број македонски музички ѕвезди. Концертот започнува во 20 часот и е бесплатен за сите граѓани.

Скопје вечерва ќе биде домаќин на големиот концерт по повод 35 години независност на Македонија. На Плоштад Македонија од 20 часот ќе настапи легендарниот тенор Хосе Карерас, придружуван од Македонската филхармонија и диригентот Дејвид Хименез.

Во првиот дел од концертот ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.

Концертот е бесплатен и отворен за сите граѓани, а преносот во живо може да го следите на МРТ1 со почеток од 20 часот.

Прославата продолжува утре со концертот „Најдоброто од Македонија“ пред Т-Арената „Борис Трајковски“ со настапи на Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари.

На 4 септември, прославата продолжува со мултимедијалниот спектакл „Силно светнал ден“ на Плоштад Македонија, во кој ќе настапат повеќе од 120 артисти.

Кулминација на прославата ќе биде на 8 септември, кога на стадионот „Тоше Проески“ ќе настапи светски познатиот диџеј и продуцент Давид Гета со спектакуларното „The Monolith Stadium Show“.