Собранието ја почнува 121. седница со 53 точки на дневен ред
Именување нов вицегувернер на Народната банка, ратификации на повеќе меѓународни договори, странски директни инвестиции и националната стратегија за безбедност на сообраќајот се меѓу точките за кои денеска ќе расправаат пратениците.

Собранието денеска ќе ја одржи 121. седница на која на дневен ред се 53 точки. Пратениците треба да гласаат за именување на Арљинда Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
На седницата се предвидени и ратификации на повеќе меѓународни договори, меѓу кои конвенцијата за Бирото на Европската конференција за цивилно воздухопловство, протоколот со Литванија за преземање лица кои престојуваат без дозвола, како и договори со Словенија и Португалија за соработка во областа на одбраната.
Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, во прво читање, како и за Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.
На дневен ред е и давањето согласност на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Најголем дел од точките се законски измени по скратена постапка, со кои се вршат усогласувања со новиот Закон за високи раководители. Измените опфаќаат голем број области, меѓу кои пензиското и инвалидското осигурување, јавните набавки, царината, здравството, земјоделството, животната средина, инспекцискиот надзор и управувањето со кризи.
Собранието треба да го разгледа и Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година.
