Притвор за 19-годишник осомничен за нападот во Чаир во кој беше избодено 13-годишно момче
Скопското Обвинителство отвори истрага против 19-годишникот, кој заедно со својот малолетен брат, според сомнежите, со нож нападнале две лица. Тешко повреденото 13-годишно момче се бори за живот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за 19-годишник осомничен за случајот со 13-годишното момче кое беше прободено со нож во скопски Чаир.
Од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против 19-годишникот поради сомнение дека сторил кривично дело „Насилство“.
Според Обвинителството, осомничениот и неговиот малолетен брат, кој е под законската граница за кривична одговорност, преземале дејствија на насилство при кои со убоди од нож биле нанесени тешки телесни повреди на едно дете и едно полнолетно лице, додека уште едно дете било полесно повредено.
Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека за инцидентот биле приведени вкупно пет лица.
Тој информираше дека 13-годишното момче е во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот. Според првичните информации, и напаѓачот бил малолетник, но подоцна Обвинителството соопшти дека истрагата се води против 19-годишно лице.
